Марија Луиза до Талески: Откако седна во фотелјата заборави на уметноста!

by Фокус

Фолк пејачката Марија Тодоровска (23), позната во јавноста како Марија Луиса, вели дека во иднина планира да стане градоначалничка на Битола. Според неа, кога нејзиниот сограѓанин и поранешен колега, актерот и пејач на разни детски манифестации, а денес актуелен градоначалник Владимир Талески, може да биде татко на градот, не гледа зошто и таа не би можела еден ден да стане мајка на градот на конзулите.

,,Кога слушнав дека Владимир Талески станал градоначалник на мојата Битола, мислев дека барем тој, како поранешен актер и пејач ќе стори многу за луѓето од нашата бранша. Битола на некој начин е расадник на музички таленти, роден град на Каролина Гочева, Анета Мицевска од групата Молика, Адријана Кеш, Татијана Стефановска, Пеце Огненовски, Маргарита Христова, Јасмина Миленковска, Адути бенд, Магма бенд, група Фонтана, легендарната Сашка Петковска и многу други.

Но за жал, наместо да се формира некое здружение на музичари, да се отворат центри во кои што музичарите и општо уметниците ќе имаат некој вид на поддржка, нашиот градоначалник како да заборави на своето минато, на проблемите со кои што секојдневно се соочуваат поголемиот дел од артистите и пејачите. Точно е тоа дека во Битола има неколку позначајни уметнички манифестации како на пример Бит Фест, Битолско културно лето, меѓународниот филмски фестивал ,,Браќа Манаки,, и други, но овие манифестации конкретно не прават ништо за афирмација на битолските естрадни уметници.

марија луиса 2

 

Затоа и сметам дека кога градоначалникот е човек кој што долги години бил дел од еснафот, треба малку повеќе да се позанимава со оваа група на граѓани. Вака, повеќето мои колешки се преселија од Битола во потрага по подобра заработувачка и поголеми можности за напредок во кариерата, а има и многу кои што по долг период минат на естрадата, сосема се повлекоа и ја ставија кариерата во мирување,, – раскажува Марија.

Таа вели дека не треба да се гледа како на табу тема ако фолк пејачка како неа еден ден реши да влезе во политиката, па и да се кандидира за градоначалничка.

,,Можеби некому ова ќе му звучи несериозно, но не гледам зошто пејачка не би била добра градоначалничка?

Барем ние фолкерките постојано патуваме, се сретнуваме со нашинците во дијаспората, ги знаеме нивните маки, а истоа така сме и доста снаодливи, бидејќи сами мораме да се избориме за своето место под сонцето, без никој да стои зад нас, ниту компанија, ниту држава. Мислам дека дури би била и многу поуспешна од мојот колега, Талески, бидејќи знам дека никогаш нема да заборавам која сум, од каде доаѓам и како сум живеела во минатото.

И токму тоа е она кое што политичарите не треба никогаш да го заборават, кои всушност биле тие пред да седнат во удобната фотеља, оти само така ќе му бидат од корист на народот кој што ги избрал,, – вели Луиса која што е присутна на сцената околу пет години.

Има редовни настапи по локали и ресторани низ земјава, а исто така и по неколку турнеји низ Европа годишно. Пред две години, пред претседателските избори, го сврте вниманието на јавноста кон себе кога изјави во медиумите дека кој и да биде избран за претседател, редно е да го цени трудот на фолк пејачките и да ги награди за нивното претставување на земјава и на нашето музичко богатство во странство.

Вики Клинчарова

Поврзани новости