Марија Хаџи-Лега го напушта директорското столче на скопска Гинекологија, на нејзино место доаѓа Викторија Јовановска?

by Fokus

Актуелната директорка на скопската Клиника за Гинекологија, Марија Хаџи-Лега во најскоро време ќе го напушти директорското столче, а на нејзино место најверојатно ќе седне доктор Викторија Јовановска, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, освен Јовановска, во конкуренција за директор на клиниката била и доктор Ана Данева, но нашите болнички извори тврдат дека одлуката веќе паднала и изборот е направен.

Нашите извори уште тврдат дека се очекува на клиниката да биде извршена ревизија на целокупното работење на директорката, со оглед на многубројните афери што излегоа од таму, како и ревизија на работењето на претходните двајца директори Сашо Јовчевски и Адела Стефанија.

Информациите дека актуелна директорка ја напушта директорската фотеља на клиниката индиректно ги потврди и новиот министер за здравство Арбен Таравари во интервју за “Фокус“, кој истакна дека дел од директорите ќе си одат, додека дел ќе ги задржат функциите.

Сегашната директорка Хаџи-Лега позади себе влече куп скандали, почнувајќи од алармантните бројки на починати бебиња, нарушените меѓучовечки односи, па се опремувањето на директорскиот кабинет, кој чинеше околу 20.000 евра.

За време на нејзиното директорување, отказ од клиниката доби и гинекологот Марјан Стојовски, кој според тоа што беше наведено во отказното решение, на именуваниот Стојовски со пресуда од скопскиот Апелационен суд му е изречена пресуда дека е виновен за кривично дело „примање поткуп“.

– Соогласно член 357 од Кривичниот законик со изречена казна затвор од две години, во која му е засметано и времето поминато во притвор. Исто така, изречена му е и казна – забрана за вршење  на дејност во трење од една година сметано од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во притвор не се засметува во времето на нејзиното траење – се наведуваше во отказното решение, закачено на огласната табла на клиниката.

„Фокус“, пред една година објави серија текстови со сите детали, со имиња и презимиња на пациентки и нивните починати бебиња, кои доживеаја цела здравствена голгота токму на таа клиника, во која има преку 450 вработени медицински персонал, а има алармантен недостаток на педијатри и анестезиолози.

Хаџи-Лега неколку пати излезе со реакција тврдејќи дека сме тенденциозни спрема клиниката, но никогаш не ги демантираше страшните бројки на починати бебиња.

И.М.

Поврзани новости