Добар ви ден во светот кој потсетува на џунгла, но без трошка фер игра. Добар ви ден во хаосот од неправди и лаги, во кој не постои милост за поинаквите и незаштитените. Добар ви ден во времето кое никој нема да го гледа со носталгија кога ќе остарите – со овие емотивни зборови се обрати популарната српска пејачка Марија Шерифовиќ (38), по промоцијата на нејзината нова песна „Добар вам дан“ која го размрда Балканот.
Емотивната нумера која го отсликува времето во кое живееме, за помалку од два дена веќе ги сруши рекордите и има над 1,6 милион прегледи на Јутјуб. Песната се споделува на социјалните мрежи ширум Балканот, а Шерифовиќ уште еднаш покажа дека со право е на врвот на естрадата.
Зад „Добар вам дан“ стои докажана екипа, музика и текст на Леонтина Вукомановиќ, аранжман на Дарко Димитров, виолини – Роберт Билбилов, микс и мастеринг – Дарко Димитров.
Позитивни коментари за новото дело на Марија доаѓаат од сите страни, и ова е нејзина прва песна по пет години студиска пауза. Универзалното дело, во кое речиси секој пронаоѓа дел од себе, го достигна врвот на музичките листи во регионот, а публиката со нетрпение го очекува новиот албум, кој Шерифовиќ го најави за наредната година.
Вики Клинчарова