Од денеска во сила стапува Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, со кој граѓаните конечно добиваат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите.
-Судските такси се значително намалени. Ако во минатото тие можеа да изнесуваат и до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000. Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.
Свесни бевме, додаде тој, дека судските такси беа високи, а луѓето на кои им беше потребна правда, многу пати се откажуваа да ја бараат во судниците. – Тоа сега се надевам ќе се промени, бидејќи правдата станува подостапна за сите, рече Маричиќ.
На прес-конференцијата министерот за правда посочи пример како би изгледало тоа во пракса. Имено, ако се тужи осигурителна компанија за надомест на штета во вредност од три милиони денари, судската такса која треба да се плати е два отсто од вредноста на спорот. Значи, посочи Маричиќ, во овој случај граѓанинот ќе требаше за судски такси да го даде максималниот износ од 48.000 денари. Сега според донесените измени давачката ќе биде само 6.000 денари, односно осум пати помалку.
-Доколку е потребно да ја истерате правдината до крај и да ги искористите сите редовни и вонредни правни лекови, по старата тарифа за истиот спор ќе платевте вкупно 288.000 денари (тужба два отсто, одлука два отсто, жалба четири отсто, ревизија четири отсто). По новата судска такса, најмногу може да потрошите вкупно 36.000 денари или 252.000 помалку. доколку се жалите, појасни министерот за правда.
Тој посочи и еден пример кога се работи за долг од 15.000 илјади евра или околу 930.000 илјади денари. -Почнувате парнична постапка на суд, а судската такса е 2 отсто од вредноста на спорот. По старата такса, треба да платите 18.600 денари судска такса. По новата, ќе платите само 6.000 денари, појасни министерот.