Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ смета дека тековната агресија на Русија над Украина јасно покажала колку е важно да се заврши обединувањето на европскиот континент, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани.
Тој во изјава за „Фокус“ вели дека сега е вистински моментум, за време на француското претседателство, да се обидеме да направиме сериозен напредок и решение.
Особено сега после реизборот на претседателот Макрон, кој се залага за напредок на евроинтеграциите на Западен Балкан. Особено по воведувањето на новата методологија.
Истовремено, тесно и интензивно работиме со нашиот сосед Бугарија за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените прашања. Ние го направивме нашиот дел, направивме и повеќе отколку што се очекуваше досега, сега е време ЕУ да го направи својот чекор напред, вели Маричиќ во изјавата за „Фокус“.
Во однос на случувањата со отворањето на Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, Маричиќ смета дека дијалогот останува на високо ниво и покрај неодамнешните случувања кои разбудија различни чувства кај граѓаните.
Овие случувања несомнено имаат намера да ги стават на испит односите на двете земји и народи и да го отежнат процесот на преговори. Јас лично мислам дека траекторијата на движење која ја воспоставивме со новиот пристап со владата на Бугарија е таа што може да нè доведе до некаков успех.
Она што се случи во Битола е пречка на тој пат кој го градиме и не беше чекор во вистинска насока во задржувањето на новата атмосфера која ја имаме со Бугарија, со цел да се нарушат пријателските и добрососедските односите кои ги градиме, вели Маричиќ.
Сепак, најважно е дали Владата сега, како рационална, прогресивна проевропска Влада, ќе продолжи да ги нормализира односите или ќе дозволи да преовлада радикалниот национализам, смета вицепремиерот.
К.С.Б.