Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не е.
„ Тоа е целосно препуштено на новинарската фела, а правото на протест е сосема легитимно, особено кога новинарите се чувствуваат загрозено, рече вицепремиерот.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со судската пресуда за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и денешните новинарски протести, вицепремиерот порача судиите кои судат вакви случаи да бидат „извонредно внимателни“ и да ги консултираат европските стандарди.
„Слободата на медиумите е апсолутна и не смее да биде загрозена. Може да биде ограничена само под законски услови, по меѓународни стандарди од меѓународните конвенции кога се работи за говор на омраза или слично. Конкретната пресуда вие ја оценувате како скандалозна, но пресуда се укинува само со друга пресуда на повисок суд и може да се промени“, изјави Маричиќ.
Тој додаде дека, ако новинарите оценат дека треба, Владата е подготвена да разговара и да донесе соодветни законски измени за новинарите да се чувствуваат позаштитено и за да се зајакнат медиумските слободи.
„Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не. Тоа е целосно препуштено на новинарската фела и мислам дека новинарската фела таа можност треба да ја искористи, да ја зајакне саморегулацијата заради заштита на сопствената професија. Така ќе помогне и на Владата, а Владата е целосно подготвена ако новинарите, нивните здруженија или генерално медиумската фела смета дека е потребна дополнителна законска измена за да се зајакне заштитата на новинарите и на медиумските слободи и за новинарите да се чувствуваат позаштитено, тоа да го слушне, да го разговара и да предложи такви соодветни законски измени“, рече Маричиќ.
Десетици новинари од повеќе медиуми денеска излегоа на мирен протест пред Граѓанскиот суд во Скопје, искажувајќи револт од пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), која е закана за цензура, обид за замолчување и контрола врз новинарството.
Во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од протестот беа упатени повици властите да не обидуваат да посегнат по правото на независно информирање и да не се прави институциска цензура во корист на моќниците.