Нема никаква координација меѓу Владата и обвинителството во врска со отворањето случајот ‘Скопје 2014’, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за емисијата Трилинг на ТВ 24.
„Овој случај долго време стоеше во обвинителството и претпоставувам дека имало некои нови сознанија, нови документи, нови докази штом сега го отвораат. Можам да ви тврдам дека никаква координација нема меѓу Владата и обвинителството во врска со стратешкото преземање на овој случај или отворање на овој случај бидејќи ние јавно го повикавме како Влада и повеќе чинители во Владата обвинителот Ислам Абази и обвинителот Љубомир Јовевски да ги разгледаат актуелните случаи, и овие што се отворија како дилема во јавноста или како тема во јавноста изминативе месец дена и сите. Значи, никогаш не сме правеле селекција“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот потсети и дека поранешни и функционери од актуелната гарнитура, односно двајца поранешни генерални секретари на Владата се пред суд и ја тераат таа постапка.
„Тоа сигурно не го наредила Владата, тоа сигурно не го сугерирала Владата. Сакам да кажам дека Владата ниту има, ниту треба да има контрола врз тоа што го работи обвинителството и врз случаите што ги отвора.
Мислам дека во тој контекст треба да се гледа ова како обид да се затворат случаите на СЈО, после долго време конечно да се затвори таа приказна со овој мега случај којшто беше мега случај уште тогаш кога се отворија овие приказни затоа што и во извештајот на ЕУ секоја година стои како забелешка забрзување и завршување на случаите од порано“, изјави вицепремиерот Маричиќ.