Маричиќ: Тие што не се избрани нормално дека се разочарани, но погрешна е тезата дека квалитетните кадри треба да се изберат во повисоки обвинителства

by fokus

Не би сакал да коментирам, кој бил избран, а кој не. Тие што не се избрани нормално дека се разочарани. Погрешна е тезата дека квалитетните обвинители мора по секоја цена и веднаш да бидат избрани во повисоките обвинителства, изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ по минатонеделниот избор на јавни обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Вишото јавно обвинителство.

-Многу е важно Основното јавно обвинителство Скопје и другите основни обвинителства да бидат опремени со добар обвинителски кадар затоа што главното, работата на обвинителите на истрагите, се случува токму во нив. Многу е важно квалитетен кадар да остане и во основните обвинителства затоа што таму е тежиштето и центарот на случаите, подготовката на добрите предмети кои подоцна се бранат пред судовите, рече Маричиќ.

Тој рече дека оние што беа избрани се долгогодишни и добри обвинители, и тоа, според министерот, покажува дека во Советот на јавни обвинители внимателно ги разгледувале сите поединечни апликации.

– Не би сакал да коментирам, кој бил избран, а кој не. Тие што не се избрани нормално дека се разочарани, но мислам дека Советот на јавни обвинители е единствено надлежен да цени и да каже според ставот, искуството, профилот на секој од личностите. Впрочем имаше и интервју со секој поединец. Првпат се вршеше изборот по новата законска рамка. односно по новиот Закон за јавни обвинители и затоа тој процес траеше и малку подолго, бидејќи беше потребно и ново нивно оценување, рече Маричиќ.

Прашан дали ќе се спроведе истрага поради тоа што имињата беа познати и претходно, Маричиќ рече дека истрага е апсолутно непотребна.

– Во текот на таа недела имаше неколку координации и претходни состаноци, нормално е членовите на Советот на јавни обвинители да комуницираат меѓу себе можно е некој од внатре кој што ги знаел расположението по определени кандидати да ги пренел информациите. Но, тоа прашање треба да го упатите до Советот на јавни обвинители, бидејќи тие се надлежни и тие одлучуваат, додаде министерот.

Поврзани новости