Последниот извештај на Европската комисија за земјава претставува најсилен доказ за посветеноста на Владата да ја трансформира државата по европски терк и да овозможи еднаков пристап до правдата, еднакви можности за сите и еднаквост пред законот, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.
Во Извештајот, како што посочи министерот, ни дадоа признание за добриот напредок на реформите во правосудството, во борбата против корупцијата, а воедно се констатира усогласеност на законската рамка за заштита на човековите права со европските стандарди во најголема мера.
– Нашите институциите се подготвени за трансформација и европеизација на Северна Македонија и очекуваат конечно започнување на првата Меѓувладина конференција во декември оваа година, рече Маричиќ.
По почетокот на првата Меѓувладина конференција за спроведување на реформите кои ќе бидат детално следени од Европската комисија и Европската Унија, како што истакна министерот за правда, ќе се усвои патоказ за поглавјата во делот на владеење на правото, поточно Поглавјето 23 и Поглавје 24, во кој патоказ детално ќе се разработат со точно утврдени рокови реформите кои нашата земја како кандидат за членство во ЕУ треба да ги преземе во текот на преговорите со цел успешно завршување на истите и пристапување кон членство во Унијата.
– Сметам дека со овој извештај и со отворањето на преговорите до крајот на годината имаме добра стартна позиција. Следува период на трансформација и европеизација во која секој граѓанин треба да почувствува видлива и опиплива промена, повисоки стандарди и подобри услуги од институциите, пофункционален систем, еднаквост пред Законот и заштита на своите права, рече министерот за правда.
Тој додаде дека со поддршка од Европската Унија, Северна Македонија може да стане подобро место за живеење. – И јас ве уверувам дека ние како Влада ќе направиме се да ги исполниме овие услови и да ја донесеме долгоочекуваната промена по која нашата земја ќе треба да биде полноправна членка на ЕУ, истакна Маричиќ.