Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервјуто за „Радио спектар“ рече дека на уставните измени треба да се гледа како заштита и зајакнување на македонскиот идентитет наспроти Бугарија.
„Со ставањето, додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите“, изјави Маричиќ.
Тој потенцираше дека граѓаните имаат право слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме седум други заедници во нашиот Устав, зошто да не се даде шанса и за Бугарите да, за ние на тој начин како што вели Маричиќ да бидеме заштитени дека никој не може да каже дека ние сме Бугари.
Маричиќ смета дека треба да се навлезе во суштината на уставните измени и дека е време и со ВМРО ДПМНЕ да се разговара и низ содржинска расправа да кажат зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот.
„Како тоа нам на Македонците ни е проблем и како тоа може да не загрози? Бидејќи содржински треба да го промениме Уставот во Преамбулата и во додавањето на Бугарите во оној Комитет за односи меѓу заедниците во Собранието, каде што ги има сите заедници. Тие се двете места во Уставот каде што се спомнуваат заедниците со име“, објасни вицепремиерот Маричиќ за слушателите на Радио Скопје.