Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во рамки на посетата на Тирана се сретна со заменик претседателот на Владата на Албанија, Арбен Ахметај, со министерка за надворешни работи Олта Џачка и Зеф Мази, главниот преговарач за пристапување на Албанија во ЕУ.
Како што соопшти СЕП, на средбите со високите државни претставници, уште еднаш беше потврден ставот дека двете држави не се откажуваат од ЕУ и покрај предолгото чекање, како и важноста Европската Унија да го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија и Албанија.
-Двете пријателски земји имаме заеднички пат кон членство во европското семејство, пат на кој покажавме зрелост и за регионално интегрирање и соработка која се потврдува низ активностите преземени со иницијативата Отворен Балкан. Време е да се валоризира она што досега го постигнавме во делот на реформите, и на Северна Македонија и Албанија да им се даде датум за почнување на преговорите со Унијата, потенцираше вицепремиерот Маричиќ на средбите со неговиот колега Ахметај и шефицата на дипломатијата, Џачка.