Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска информира дека само минатата година преведени се над 17.000 страници од законодавството на Европската Унија (ЕУ).
-Досега преземените чекори се цврста основа за подобро справување со предизвиците што следат, особено важно сега кога преминуваме во следна фаза од преговорите. Денес би сакал да се задржам на прецизно и техничко појаснување на она што ни беше претставено во вторникот во Брисел. Скринингот е аналитичка презентација на состојбата во земјата-кандидат за членство во ЕУ во однос на нејзиниот степен на усогласеност со ЕУ и имплементација. Тоа е формална и техничка операција што ја врши Европската Комисија (ЕК), која е неопходна и многу важна за да добиеме јасен преглед каде стоиме и што треба да направиме во годините што следат, за да бидиме рамноправна членка во ЕУ. Скринингот се состои од две фази – објаснувачки каде што ЕК на нас ни ги презентира клучните правни факти за секое поглавје и билатерален – каде земјата-кандидат го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство согласно презентираните факти од ЕУ, како и спроведување на законите, истакна меѓу другото Маричиќ на прес-конференцијата околу тоа што ќе се случува понатаму во преговорите со ЕУ.
Тој додаде дека скринингот би требало да заврши во ноември 2023 година.
-Веќе имаме подобра стартна позиција и за не повеќе од 16 месеци да го завршиме скринингот, рече вицепремиерот.