Маричиќ: Сите барања на Мицкоски што имаат врска со реалноста се вредни за разгледување

by fokus

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во гостувањето на македонското радио изјави дека уставните измени ги правиме како влог во нашето членство во ЕУ, односно во остварувањето на стратешка цел, а не за да задоволиме некој друг или за да оствариме или исполниме нечија желба или диктат.

– Наместо да се затвора, треба да се отвори дијалогот по ова прашање, и време е навистина после година дена препукување и пропаганда којашто нема никаква втемеленост во реалноста околу бугаризација и околу асимилација, околу загрозеност на нашиот идентитет, да седнеме и да разговараме за реалните потреби и реалните обврски за остварување на нашиот национален интерес, рече Маричиќ.

Тој посочи дека до членството во ЕУ ни остануваат уште многу обврски, но сме на добар пат да ги продолжиме преговорите, доколку ги направиме уставните измени, бидејќи според Маричиќ дијалогот започнал добро и ја преминал линија на табу околу гласањето и поддршката за внесувањето на Бугарите во Преамбулата и во нашиот Устав.

– Сите барања или услови на г-динот Мицкоски се вредни за разгледување, оние коишто имаат врска со реалноста, односно оние коишто се движат во преговарачката рамка. Одложеното дејство на уставните амандмани излегува од преговарачката рамка и не враќа повторно на маса да преговараме од ново и со ЕУ и со Бугарија околу условите. Тоа секако значи враќање многу чекори назад и мислам дека тоа не ни треба, но за сите други прашања околу формулата дали би влегле во широка Влада, кога, под кои услови, со кого, сето тоа е вредно да се разговара доколку тоа помага во ставот на ВМРО – ДПМНЕ да гласа за уставните измени, порача Маричиќ.

Поврзани новости