Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на телевизија Сител рече дека лидерската средба била одличен чекор во вистинска насока и на таа средба се виделе условите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.
-На таа средба се премина една граница, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ кажа дека не е против уставните измени, а тоа го зборуваа цела година, но сега зборуваме за условите. Тоа е голема разлика. Ние се движиме во реални рамки, а ВМРО-ДПМНЕ во нереални рамки надвор од преговарачката рамка, рече Маричиќ.
Според него, сега би требало да се разговара и затоа веднаш била направена работна група од страна на СДСМ и директно повикале ВМРО-ДПМНЕ да направат тим кој ќе преговара.
-Логично е да се седне и за ова да се разговара. ВМРО направи чекор напред и ако имаме повеќе средби ќе направат повеќе чекори, можеби тоа ги плаши. Да продолжиме од таму каде што застана лидерската средба, но тоа да биде во реални рамки. Треба разумен разговор како да дојдеме до точката заедно да ја преземеме и споделиме одговорноста, истакна Маричиќ.