ЕУ мора да го искористат овој историски момент и да одговорат на актуелната криза со официјализирање на европската перспектива на регионот, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој е во официјална посета на Брисел.
-Вистинско време, што мора да го искористиме за старт на преговорите на Унијата со Северна Македонија и Албанија. Секој отпор и воздржаност на ЕУ кон Западен Балкан дополнително ќе ја намалува атрактивноста на Унијата и ќе го поткопува нејзиниот кредибилитет во регионот. Наша стратешка определба е членство во Европската Унија и би било добро годинава да се дефинира политиката на проширување, во насока на кредибилно партнерство и со поголема посветеност кон кандидатите и потенцијалните кандидати – посочи Маричиќ на средбата со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино.
Санино, пак, потврди дека Европската служба за надворешни работи ја цени нашата проевропска ориентација, а нашата земја, како и целиот регион, е стратешки партнер на Унијата.