Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека резултатите од пописот ќе бидат од суштинско значење да се добијат пред локалите избори, за да можат идните градоначалници да креираат релевантни и издржани програми и проекти.
Дополнително тој апелираше да се намали, како што вели, непотребната тензија во општеството пред статистичката операција и да им се остави на статистичарите да го спроведат пописот, следејќи ги највисоките стандарди.
За Маричиќ, одложувањето на пописот како што бара опозицијата, ќе биде само на штета на државата.
-Тие бараат пописот да се одложи за следната година. Минатата година кога разговаравме за пописот бараат тој да се одложи за оваа година и најверојатно тоа ќе им биде барање да одлагаме секоја година. Затоа мислам ако одложиме тоа нема многу да промени, бидејќи сега е вистинскиот момент, сега се вклучува машината во Државниот завод за статика. Мислам дека летоска, летно време, кога луѓето патуваат, одмараат и е жешко. На есен имаме локални избори, а до локалните избори треба да ги имаме резултатите. Градоначалниците треба да си ги планираат и предлагаат политичките врз основа на новите резултати. Треба да ја нормализираме оваа работа. Веќе да станеме нормална држава и се да не се партизира и политизира, кажа Маричиќ во гостувањето на „Утрински брифинг“