Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални и само кога е тоа нужно за заштита на јавното здравје. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се досега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза, изјави министерот за правда Бојан Мариќ на Седмиот регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа на тема „Ковид-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човекови права“.
– Заедно со останатите држави и Северна Македонија прави максимални напори да го заштити јавното здравје и да балансира помеѓу рестриктивните мерки и економско-социјалните последици. Сепак, водилка во одлуките за заштита на човековото здравје и одлуките за справувањето со пандемијата треба да биде светото тројство: владеењето на правото, демократијата и човековите права, потенцираше Мариќ.
Како една од најтешките одлуки на претходната Влада, Маричиќ истакна дека било прогласувањето на вонредната состојба и дерогација на човековите права утврдени во Уставот и Европската конвенција за човековите права и воведувањето на рестриктивните мерки.
– Соочени со „непознатото”, корона вирусот ја наметна потребата од тоа во голем број на држави да се воведат рестриктивни мерки, кои пред се се однесуваат и ги засегаат човековите права. Повторно, Северна Македонија не беше исклучок и во период на техничка влада, се соочивме со една од најсмелите одлуки, а тоа беше да прогласиме вонредна состојба за справување со последиците од пандемијата: здравствени и економски, истакна Маричиќ.
Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати во своето обраќање на Форумот, нагласи дека пандемијата нè потсети сите нас дека зачувувањето на животот и здравјето беа крајна цел на сите земји во светот и дека владите мораа да дејствуваат брзо и на кредибилен начин, притоа почитувајќи ги човековите права и слободи и владеењето на правото.
– Сепак, неоспорен факт е дека и покрај тоа што Форумот се одржува на повеќе локации, во нова реалност, тој е исклучително влијателен настан каде има можност да се разменат знаења и искуства со претставници на највисоките судски инстанци од целиот регион, со судиите од Европскиот суд за човекови права и со останатите претставници на правната фела заради постигнување на „фер-баланс“ помеѓу заштитата на здравјето, социјалните и економските нарушувања и заштитата на човековите права согласно националното право и Европската Конвенција за човекови права, истакна Мурати.
Од име на амбасадите на Велика Британија и на Холандија на учесниците на настанот им се обрати и британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која рече дека нивната заложба за поддршка на реформите во Северна Македонија останува силна.
– Северна Македонија успешно ја следеше реформската патека во секторот правда, со усвојување и измена на клучното законодавство во согласност со препораките на Советот на Европа и европските стандарди. Овие напори сега треба да се прошират со посветена и ефективна имплементација, што ќе ја зајакне заштитата на човековите права и ќе ја врати довербата на јавноста во правдата, нагласи Галовеј.
Претставниците на Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа и на правосудните институции во седум земји на југоисточна Европа се собраа на 7. Регионален форум за владеење на правото во југоисточна Европа, којшто се одржува на 16-17 октомври за да дискутираат за КОВИД-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човекови права.
Поранешните и актуелните судии на Европскиот суд за човекови права кои учествуваа на централната конференција разговараат за правата од Европската конвенција за човекови права кои се засегнати со пандемијата, нивната заштита и за ситуацијата на Западниот Балкан.
Истовремено, претседателите и судиите на врховните и на уставните судови од седум држави на Југоисточна Европа се собраа во националните работни центри во главните градови – Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, Тирана и Загреб. Тие учествуваат на настан преку видео линк, заедно со националните омбудсмани (народни правобранители), владините агенти пред Судот во Стразбур, претставниците на правосудните академии и центрите за обуки во правосудството, факултетите, невладините организации и правните професионалци.
На централната конференција одржана во регионот на Стразбур, присуствуваше и претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано.
Отворајќи го Форумот, Спано рече дека владеењето на правото е „инхерентно за сите членови на Конвенцијата“, каков што став постојано зазема Судот.
– Тоа е „ѕвезда-водилка“ на Конвенцијата. Тоа претставува правна и морална основа на работата на Судот, заедно со фундаменталните начела на демократијата и човековото достоинство, додаде Спано.
Учесниците на настанот беа исто така поздравени и од страна на комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, која рече дека здравствената криза ги разоткри и ги влоши долго време присутните нееднаквости во уживањето на човековите права.
– Крајно време е да се премостат овие јазови и да се зајакне моќта на човековите права како делотворен противотров за општеството во целина. Тоа вклучува поддржување на транспарентноста и достапноста на информациите, одржување на механизми за делотворна заштита и препознавање на потребата од единство, солидарност и соработка, како национално, така и меѓународно , истакна Мијатовиќ.
Форумот за владеење на правото во Југоисточна Европа претставува еден од најважните годишни настани за претставниците на правосудството, правниците и претставниците на невладините организации од регионот. Неговата цел е да го промовира спроведувањето на Европската конвенција за човековите права на државно ниво, да ја поттикне регионалната соработка во насока на континуиран развивање на владеењето на правото, како и да ги потпомогне напорите на земјите од регионот за интегрирање во Европската Унија. МИА