Маричиќ: Регионот ќе оди напред кон ЕУ и ние треба да бидеме во ист чекор

by Fokus

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска учествуваше на Конференцијата на меѓупарламентарниот дијалог за понатамошно промовирање на европската интеграција на Западен Балкан, во заедничка организација на Парламентарното собрание на Советот на Европа и Собранието на Република Северна Македонија.

Во своето воведно обраќање вицепремиерот Маричиќ рече дека оваа и следната година се многу важни за европската перспектива на Западен Балкан и дека регионот ќе оди напред.

– Ние сакаме Северна Македонија да биде во чекор со другите. Треба да бидеме дел од оваа успешна приказна што ќе ја испишеме заедно со ЕУ и другите земји од регион. Во наш интерес е, во интерес на граѓаните е да продолжиме напред и обединети во идејата за просперитетен и интегриран регион во ЕУ, рече Маричиќ.

Маричиќ додаде дека нема непремостливи пречки и изрази уверување дека Парламентот и пратениците ќе бидат на нивото на задачата и ќе водат конструктивен дијалог со кој како што рече тој, „брзо и ефикасно ќе ги исполнуваме обврските и ќе ги надминуваме предизвиците, поврзани со прашањата за правосудството, борбата против корупцијата и владеењето на правото“.

– Европската интеграција не е само опција за земјите од регионот, таа е најдобрата и најразумната опција и единствената алтернатива за нас. Заживувањето и интензивирањето на интегративниот процес од страна на ЕУ, со план и конкретни задачи за членство до 2030 година ни дава шанса да го постигнеме она што го чекаме скоро две децении, а таа шанса нема да ни биде до недоглед, посочи Маричиќ.

Поврзани новости