Сите судии или обвинители кои незаконски постапувале или направиле прекршување во постапките, намерно ги одложувале или нестручно постапувале треба да бидат исфилтрирани од правосудниот систем, порача денеска на прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.
Маричиќ рече дека очекува Советот за реформи во судството да ја потврди методологијата за филтрација в понеделник, по што, вели, јавноста ќе биде информирана за деталите.
Министерот ја коментираше и вчерашната одлука на Судскиот совет, кој разреши двајца судии од Основниот суд Охрид поради нестручно работење и рече дека ова е добар почеток на процесот за филтрација на правосудството.
-Јас ја поздравувам секоја одлука која има за цел да ја подобри ефикасноста и праведноста во постапувањето на судиите, без да заземам страна за случајот. Би сакал да кажам дека доколку разрешената судијка мисли дека неправедно е разрешена има механизми како да се жали, а институциите ќе го кажат своето мислење. Мислам дека советот, особено по новите стандарди од 2019 наваму, има јасни критериуми и сигурен сум дека ги разгледува соодветно и аналитично сите околности пред да донесе ваква одлука. Затоа што разрешувањето е крајната форма на одговорност, штом се одлучил на ваков чекор сигурно имале цврсти аргументи, но затоа постојат механизми за жалба, сепак тоа е работа на системот воспоставен од судскиот совет и верувам дека овој случај ќе се расчисти до крај, како и сите идни случаи, порача Маричиќ.
Маричиќ рече дека во овие процеси посебен фокус ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал.