Во периодот пред нас ќе мораме да се насочиме кон исполнување на европските барања и стандарди во реформирањето на јавната администрација и подобрување на стручноста на државните службеници, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ во воведното излагање на објаснувачкиот скрининг за реформа на јавната администрација.
Тој истакна дека оваа област ќе биде важна за напредокот на Македонија кон ЕУ и уште еден предизвик во кластерот „Темели“, додавајќи дека професионалноста на јавната администрација е важна, како за исполнување на обврските на европскиот пат, така и за создавање администрација која квалитетно ќе им служи на потребите на граѓаните.
Според Маричиќ, тоа што реформата на јавната администрација е специјално дефинирана како област и е дел од основите на кластерот „Темели“ само укажува на важноста и значењето што таа ќе го има за целиот преговарачки процес.
– Ние сме добро свесни дека неспорно таа ќе биде од суштинско значење за динамиката на преговорите како целина. Модернизацијата и подобрувањето на државната и јавната администрација треба да се смета како основа на целиот јавен сектор од кој зависи развојот во секое демократско општество, потенцираше Маричиќ на состанокот.