Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ одржа завршна прес конференција за 2023 година. На Конференцијата тој направи рекапитулација на најважните теми според динамиката за 2023 и го истакна успешното реализирање на скрининг процесот.
Маричиќ ја истакна својата благодарност до вклучените институции кои бе дел од најважниот процес за евроинтеграција на државата, почетокот за преговорите за членство.
Вицепремиерот ја назначи подготвеноста за следната фаза од преговорите, за која неопходно е завршување на обврските од Преговарачката рамка за пристапување на Северна Македонија во членство во Европската Унија, усвоена на 19 јули 2022 година.
„Покрај двата патокази (Патоказ за владеење на правото и Патоказот за реформа на јавната администрација) и Акцискиот план за унапредување на правата на заедниците помали од 20% од населението во Република Северна Македонија, кои веќе се испратени до Европската Унија, ни останува и завршувањето на уште една клучна обврска, а тоа се уставните измени. Целосна наша, домашна одговорност. На секој од нас и особено на секој пратеник. Согласно новата методологија и преговарачката рамка, Северна Македонија имаше обврска да подготви три патокази кои треба да ја рефлектираат политичката заложба за спроведување на клучните стратешки реформи преку дефинирање на краткорочни и долгорочни цели, кои ќе кореспондираат со рокот 2030 година“ – рече тој.
Со подготовката и испраќањето на Патоказите, Маричиќ истакна дека предвидените мерки предвидени во Патоказите имаат за цел деполитизирана, ефикасна, ефективна и одговорна јавна администрација, која обезбедува висококвалитетни политики и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти кои се засноваат на европските принципи и вреднува и придонесува за одржлив економски раст, владеење на правото, унапредување на судската власт пред се преку зајакнувањето на независноста на правосудниот и обвинителскиот систем, борба против организираниот криминал и корупција, социјална кохезија и благосостојба.
Маричиќ рече дека уставните измени со ништо нема да му наштетат на нашето мултикултурно македонско општество, а со кои во исто време ќе се добие пристап кон нови европски фондови и кон отворање на поглавјата кои ќе ни донесат реформи по европски стандарди.
„Да ја преземеме одговорноста, да се покажеме достојни на предизвикот за да го направиме новиот чекор за поблиску до евроинтеграцијата. Да постигнеме политички консензус за ова прашање, не заради партиските придобивки, туку заради заедничката иднина – заедно во државата до целта за да бидеме заедно и еднакви со другите во Европската Унија. Уставните измени се влог за нашата иднина, без да изгубиме ништо. Напротив, ја прави европската перспектива на земјата реална и остварлива. Целта е да не го пропуштиме моментот на позитивната политичката атмосфера и заложбата на земјите членки за проширување на Европската Унија и да поентираме во наша полза. Нашата мотивација да остане во фокусот на Европската Унија и со силната поддршка на земјите членки да продолжиме по европскиот пат и зацртаната цел – Северна Македонија во ЕУ до 2030“ порача тој.