Во Брисел денеска официјално почнува скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на Европската Унија. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за МИА, по повод отпочнување на оваа фаза од нашето пристапување кон ЕУ, вели дека скринигот практично е фаза на дијагноза до каде сме и што треба да правиме. Тој повикува дека сега е неопходно фокусот да се стави на градење на консензусот за продолжување на европските интеграции, градење на консензусот за уставните измени и на кој начин може и опозицијата да се вгради во процесот на преговори и процесот на евроинтеграција.
Маричиќ очекува скринингот да заврши во ноември 2023 година. Во однос на уставните измени неопходни за отворање на кластерите, вели дека тоа воопшто нема да биде лесен процес и оти од нас зависи кога ќе продолжиме со евроинтеграциите. Дециден е дека веќе нема условувања или дополнителни нови услови од која било држава членка, вклучувајќи ја и Бугарија, туку јасно се дефинирани условите под кои ги водиме преговорите и под кои услови ќе го продолжиме после скринингот. Нагласува дека во компромисот со Бугарија имаме доволно гаранции и за нашиот идентитет и за нашиот јазик и нема никакви шанси, ниту прилика да се случи каква била асимилација или бугаризација.
-Најпрво мислам дека треба да кажеме за граѓаните и да повториме дека Северна Македонија ги започна преговорите за членство во Европската Унија. Тие започнаа на 19 јули, практично тогаш беше и воведната сесија на скринингот. Тоа е многу битно за да сфатиме дека по 17 години чекање влеговме во нова фаза. Таа фаза – скринингот е практично задолжителен дел на преговорите. Тоа не е нешто ново и не е нешто што се прави само за нас. Сите држави особено во последниов период коишто имаа или имаат активни процес на преговори поминаа низ овој процес на скрининг, вели Маричиќ за МИА.
Тој потсети дека скринингот се состои од две фази, едната е билатерален, другиот е објаснувачки.
-Првиот е практично воведниот и е објаснувачки што ние делумно го поминавме 2018 и 2019 година и практично сега не почнуваме од нула, туку продолжуваме каде што застанавме тогаш. Во објаснувачкиот скрининг се претставуваат актите и стандардите на ЕУ што ние треба да ги прифатиме за да станеме членка на ЕУ и сето она што е во изминативе три години ново како европска регулатива ќе ни биде претставено, презентирано во објаснувачкиот скрининг. Веднаш потоа ќе настапи билатералниот скрининг, дел од нив ќе течат и паралелно. Во билатералниот скрининг веќе ние имаме поголема улога, односно државите членки на ЕУ и Европската комисија ќе ни поставуваат прашања нас, а ние ќе презентираме колку сме усогласени во определени области, во сите области и колку време цениме дека ќе ни треба за да целосно се усогласиме, појасни Маричиќ за МИА.
Според вицепремиерот, ние имаме некоја проценка дека досега сме усогласени околу 40 отсто, значи скоро половина, а тоа значи, вели, дека сме ги искористиле добро овие 17 години чекање за да ги почнеме преговорите и во некои области сме на исто ниво или на подобро ниво од државите кои веќе преговараат со години како Србија и Црна Гора.
-Затоа мислам дека овој скрининг е многу важен за да ја држиме нашата администрација во кондиција, но и целото општество со сите експерти, со цел граѓанското општество, академската јавност, бизнис заедницата да бидат активни да го следат скринингот и да учествуваат во него. Тоа е многу важно затоа што од скринингот ни зависат како ќе изгледаат листата на задачи, репер и мерила, бенч маркови коишто ќе важат за сите поглавја и за сите кластери. Практично скринингот е таа фаза на дијагноза до каде сме и што треба да правиме. И затоа мислам дека овие денови ги составуваме и тимовите, од четврток започнува – денеска практично започнува скринингот и ги тераме дел по дел, фаза по фаза за сите поглавја, очекуваме да заврши во ноември 2023 година. Тоа е планот што заедно го направивме со Европската комисија, рече Маричиќ.
Во однос на тоа дали се очекуваат потешкотии во некои области во усогласувањето на законодавството и каде имаме слабости, Маричиќ вели дека многу работа не очекува во вториот кластер – Внатрешниот пазар, а исто така и во првиот, којшто е најважен, а тоа се Темелните вредности.
– Кластерот Темелни вредности, прв се отвора, последен се затвора, отворен е низ целите преговори и напредокот во тој кластер го диктира напредокот во другите кластери. Но, мислам дека во Внатрешен пазар имаме многу работа и во конкурентност и иновации исто така, кај Зелената агенда, тоа е многу скап кластер што бара многу инвестирање во животната средина и технологии што се позитивни кон животната средина. Во кластерот Земјоделие таму имаме цел еден битен дел и за државна помош и за субвенции, но и за стандардите во земјоделието и мислам дека секаде имаме многу работа, но Внатрешен пазар ќе ни треба најмногу, оценува вицепремиерот за МИА.
Северна Македонија доби едногласна одлука за почеток на преговори уште во март 2020 година, но Бугарија го блокираше нивното отпочнување поради билатерални историски и јазични прашања. По прифаќањето на предлогот на француското претседателство со ЕУ и по потпишувањето на билатералниот Протокол на 17 јули 2022 година од страна на шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, е усвоена и Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ. На 19 јули се одржа и Меѓувладината конференција на политички состанок помеѓу ЕУ и Северна Македонија, а веднаш беше означен и почетокот на скрининг процесот со првите општи напомени за неговиот тек и нацрт Календар.