Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 10, „Информатичко општество и медиуми“, рече дека Северна Македонија веќе има преземено чекори за усогласување со постојните политики на ЕУ и дека главна цел на Владата е да обезбеди висококвалитетни јавни услуги за граѓаните и бизнисите.
– Ја препознаваме важноста од трансформирање на општеството и донесување нови можности за бизниси и технологија. Нашите реформи се одржливи, нашиот напредок е препознаен и ни се даваат нови можности преку скрининг процесот, побрзо и полесно да ги постигнеме ЕУ стандардите во ова поглавје. Нашата цел е да обезбедиме одржлива економија и дигитализација на услугите на приватниот и јавниот сектор, рече вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање пред Европската комисија.