Маричиќ: Нема да отстапиме од македонскиот јазик како едно од нашите обележја

by fokus

Никави задршки околу македонскиот јазик не смее да има во преговарачката рамка затоа што сметаме дека имаме право на тоа. Бугарија има своја позиција во однос на македонскиот јазик, но ќе видиме каков однос ќе изгради таа кон преговарачката рамка и кон тоа прашање, но тоа е предмет на разговори и преговори, изјави вечерва вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во Тема на денот на Сител ТВ.

Маричиќ вели дека нема друга црвена линија освен таа дека нема да отстапат околу тоа дека имаме право да говориме македонски јазик и тој да биде еден од нашите обележја. На тоа, посочува, не обврзува и Уставот и Декларацијата во Собранието и додава дека никој од нив нема друга намера.

– Важно е за нас да не стане процесот на европеизација, процес на билатерализација или процес на оптоварување на преговарачката рамка со билатерални прашања, рече Маричиќ, додавајќи дека важно е и ние, како и Бугарија, да имаме гаранции за работите кои ќе ги договориме дека ќе бидат спороведени и оти со нивното исполнување ќе биде отстрането ветото и на правилен начин ќе биде усвоена преговарачката рамка.

Во наредните денови, како што најави, со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе одат во Брисел на повеќе средби на кои, како што рече, ќе се разговараат повеќе прашања.

– Ние ќе се поставиме принципиелно дека сакаме да останеме приврзани за обврските кои ќе ги договориме, сакаме да имаме гаранции дека и Бугарија ќе ги спроведува и сакаме да се најде во преговарачката рамка само она што одговара на европските вредности, нагласи Маричиќ.

Поврзани новости