Маричиќ: Не се откажуваме да ги убедиме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава

by Fokus

Бојан Маричиќ – вицепремиерот за европски прашања вели дека треба да очекуваме да има охрабрувачки пораки во пресрет на декемврискиот самит на ЕУ. Но тој смета дека не можеме да очекуваме да се случи нешто спротивно од тоа што е напишано во преговарачката рамка со ЕУ.

„Нашата блокада во моментот има име и презиме, ВМРО-ДПМНЕ и нивните пратеници кои свесно решија да ја блокираат својата држава. Скринингот ќе заврши во првата недела од декември, ние ги подготвуваме патоказите кои ни се обврска од првиот Кластер и тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени. Сепак, ние не се откажуваме до последниот ден од мандатот на овој собраниски состав, да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава и да не влезат во еден вртлог во кој што веќе еднаш не имаат внесено во 2008 година“ изјави Маричиќ во изјава за медиумите по посетата на Општина Ѓорче Петров.

За новата ЕУ кампања што треба да се реализира догодина, Маричиќ рече дека е важен секој разговор „како европските пари може да помогнат во секоја општина и секое населено место зашто искористувањето на ИПА фондовите за инвестиции прават разлика. Нашата одлука да разговараме и да известиме и за грижите и за досегашните и за новите проекти, мислам дека нема никаква штета секој ден да се разговара повеќе за тоа, зашто нашата стратешка определба е таму и ние треба да извлечеме максимум од тој процес. Сега имаме нов План за раст, ќе треба да се заинтерсираат и бизнисите и граѓаните. Оваа Влада покажа на дело дека ги качува платите и пензиите постојано, не е исклучено едно и друго, треба да се прави и едно и друго“.

Поврзани новости