Ние не бегаме од отворените прашања, меѓутоа не можеме да дозволиме односи меѓу Северна Македонија и Бугарија да се темелат само на тие прашања, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на маргините на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“, запрашан да ја коментира изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека е добро е што се формираат работни групи и меморандуми во однос на инфраструктурата и економија, но меѓутоа „прво треба да се решат оние тешки политички клучни прашања“.
– Сметаме дека има потенцијал во многу други области, впрочем затоа се формираа и овие работни групи каде што може преку конкретни форми на соработка да се покажат резултати, да се приближат граѓаните, да се смени атмосферата за да можеме да ги решаваме сите отворени прашања, вклучувајќи ги и овие, но во никој случај, ниту на средбите, ниту во нив не сме ги избегнувале отворените прашања, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Тој нагласи дека двете земји не можат да ги оствариме целите за зголемена соработка, топење на мразот и остварување на успех, доколку не направат и конкретни чекори и не покажат и конкретна добра волја.
– Овој денешен настан, денешнава конференција ја гледам како еден од серијата настани коишто се случуваат последниве две недели и коишто придонесуваат за таа позитивна енергија, добра волја, да добие и конкретен израз меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Не е доволно само државните институции и политичарите да прават напори, многу е важно и интелектуалците, универзитетите и сите останати општествени чинители, да дадат свој придонес. И во таа смисла, навистина го поздравувам овој настан и мислам дека има голем ефект и ќе има голем ефект доколку се продолжи во овој серијал, рече Маричиќ.