Она што сега треба да се фокусираме е спроведување на реформската агенда, брзо напредување во процесот и граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ. Од тука и мојата заложба и барање секој еден да биде вклучен во преговорите, што се национална задача за сите нас. Јавно да се дискутира, заеднички да се делува, за сите предности и слабости забележани во Извештајот побрзо се надминат, изјави во обраќањето вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната панел дискусија за Кластерите 2 и 3 „Внатрешен пазар“ и „Конкурентност и инклузивен раст“ во рамки на серијалот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“.
Маричиќ истакна дека годишниот Извештај на Европската комисија за 2022 година, ќе биде основа за компарација како било пред, а како после почетокот на преговорите, додавајќи дека скринингот со ЕУ се одвива непречено според предвидената динамика, оценувајќи дека ќе донесе поголем поттик за реформи во земјата.
-Затоа пред Извештајот застануваме транспарентно, инклузивно и одговорно кон сè она што е нотирано во него. Секоја забелешка и препорака да биде наша насока за планирање на следна реформска активност, доколку сакаме да успееме во овој државнички проект, кој се случува само еднаш и за кој имаме само една шанса. Досегашните воспоставени реформи и стандарди се одржливи и продолжуваат во сите области, а почетокот на преговарачкиот процес е нова можност, реформите продолжуваат уште позасилено, нагласи Маричиќ.
Тој рече дека колку побрзо ги корегираме укажувањата толку побрзо ќе се трансформираме и ќе се подготвиме за членството во Унијата.
-За тоа имаме капацитет и политичка волја да го реализираме. Владата е посветена на реформите, бидејќи нашата примарна цел не е само членството во ЕУ, туку трансформирањето на македонското општеството кон подобро и бенефитите кои ги носи Унијата за граѓаните. Сегашното „Добро ниво на подготвеност“ во годишниот Извештај на земјата за 2022, е потврда дека основа имаме, дека европските законодавни темели се поставени, некаде повеќе некаде помалку, и дека време е за ефективна примена и спроведување на правото на ЕУ, рече Маричиќ.