Во 2030-та сигурно ќе има прием на нови членки. Наше е одлуката, прашањето, дилемата, дали ќе бидеме меѓу тие нови членки на бината и ќе потпишуваме договор за пристапување или ќе бидеме во публика, ќе се радуваме затоа што некои наши соседи ќе бидат во ЕУ, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“, кој е во работна посета во САД и учествува на конференцијата „Европски сон 2024: Континент на крстопат“ на Универзитетот „Харвард“ во Кембриџ во интервју за „Гласот на Америка“.
Според него, 2030 е релна можност за која владата се бори долго време и дека само од нас зависи дали ќе успееме да ја оствариме.
„2030-та е реална можност. Тоа не е датум, кој ни е даден како гаранција, туку како можност. Ние се боревме долго време, еве, оваа влада се бори седум години, и успеа да добие од ЕУ индикативен датум како можност за членство во 2030-та. Тоа го кажа претседателот Шарл Мишел. Зошто е тоа важно? Ако ние за година и пол завршивме еден скрининг-процес којшто во Србија и Црна Гора траел две и пол години, тогаш сум сигурен дека преговорите можеме да ги завршиме за четири години. Затоа мислам дека во наредниот мандат на наредната влада, на проевропската влада, е всушност во четири години да ги завршиме овие преговори“, вели вицепремиерот.
Според него, ако наредната влада со овој коалициски состав ги заврши преговорите до крајот на 2028 година, вели дека реално е да се очекува дека 2030-та ќе биде година на нашето членство.
Прогнозира дека е потребно една до една и пол година за ратификација на Договорот за пристапување.