Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за поглавјето 24-Правда, слобода и безбедност, пред претставниците на Европската комисија го најави потпишувањето на Договорот со Фронтекс, информира владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП).
– Задоволен сум што преговорите за Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, се завршени и што наскоро ќе го потпишеме овој важен договор, на македонски јазик, а во присуство на еврокомесарката за внатрешни работи, Јохансон, рекол Маричиќ на состанокот.
Вицепремиерот и главен преговарач Маричиќ оценил дека овој договор е чекор кон подобро управување со границите и управување со нерегуларната миграција, што, какко што потенцирал, е заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија, како што беше докажано во минатите времиња, особено за време на мигрантската криза во 2015 година.
Во воведно излагање, вицепремиерот Маричиќ посочил дека областа на правда, слобода и безбедност е од особено значење со оглед на растечката рамка на заеднички правила за прашања како што се граничната контрола, визи, надворешна миграција, азил, полициска соработка, борба против организираниот криминал, борба против тероризмот, соработка во полето на дрогата, царинската соработка и судската соработка во кривичното и граѓанското право.