Маричиќ: Испорачавме реформи, очекувам ЕУ да не награди со датум

by Fokus

Проширувањето на ЕУ треба повторно да биде ставено во фокусот, порача министерот за правда Бојан Маричиќ, во своето обраќање на двете работни сесии на средбата на министри, која се одржа денеска во рамки на министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, во Брдо – Крањ.

-На овогодишниот декемвриски самит на Советот, се надевам на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, кажа Маричиќ после споделувањето на се она што е реализирано во рамки на Стратегијата за реформа на правосудството пред колегите од Западен Балкан и претставниците на ЕУ меѓу кои и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.

Набројувајќи ги сите усвоени клучни стратешки документи за понатамошно подобрување на работата на судиите/обвинителите како и обезбедување на нивната независност од потенцијалниот надворешен и внатрешен притисок, Маричиќ, како што информираат од неговиот кабинет, најавувајќи дека веќе е во процес на изработка на нова Стратегија, за периодот 2023-2027 година.

Во делот на владеењето на правото и реформите кои се однесуваат на процесот на создавање независен, непристрасен и ефикасен судски систем кој ги исполнува европските стандарди, Маричиќ се задржа на важната улога на Академијата за судии и јавни обвинители во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално усовршување на судиите и обвинителите во Република Северна Македонија.

-Мој личен став како министер е дека примарно и најважно што можеме да преземеме за да се испорача правдата и нашите граѓани да имаат доверба во нашите правосудни системи е да вложуваме во квалитетна и професионална обука на професионалците кои влегуваат во правосудниот сектор, потенцираше Маричиќ, се вели во соопштението.

Во фокусот се најде и дигитализацијата на судството за која Маричиќ рече дека е повеќе од потребна во борбата против корупцијата.

-Кога се дигитализираат повеќе процеси, се намалуваат шансите за човечко влијание. А тоа, според мене, дава дополнителна вредност на целиот процес и напори што ги правиме. За тоа ни се потребни судии, обвинители и судска администрација кои постојано ќе се надоградуваат следејќи ги програмите и обуките на Академијата за судии и јавни обвинители, што е и една од задачите на Академијата, заклучи Маричиќ.

Маричиќ, како што информираат од неговиот кабинет, на крајот испрати порака дека земјава направила позитивни промени во правосудството во духот на европските вредности и дека очекува ЕУ партнерите да го наградат тоа давајќи им на Северна Македонија и Албанија датум за отпочнување на преговорите.

Поврзани новости