Се грижиме како да ги решиме прашањата со Бугарија без да го нарушиме нашиот интерес и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Ние имаме интерес да влеземе во ЕУ заради нас, но имаме интерес да останеме Македонци кои говорат македонски јазик. Овие два интереса не водат во преговорите, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, додавајќи дека во наредните недели или месеци ќе биде познато дали ќе има договор или не.
Наша цел, како што истакна, е да има сеопфатен договор каде сите барања ќе најдат свое место. Сепак, како што вели, преговорите во моментов се во критична фаза, и има интензивна комуникација на највисоко ниво. Спорот, според него, треба да се реши врз база на европските вредности.
– Она што се обидуваме е да најдеме решение и формулации кои ќе бидат компромисни за сите страни без да се навлегува во нашиот идентитет и јазик. Македонскиот јазик не може да биде предмет на преговори. За нас, освен македонскиот јазик и зачувување на македонскиот идентитет ништо друго не може да биде прифатливо, нагласи Маричиќ.