Маричиќ: Има време опозицијата да се премисли за уставните измени

by Fokus

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ не очекува дополнителни компликации од бугарска страна на нашиот евроинтеграциски пат и кај новата влада во Софија гледа добра волја за да се исполни она што е запишано во преговарачката рамка, заклучоците на Советот и протоколот. Досегашните комуникации со бугарската влада не укажувале на злонамерност. Тој на денешниот брифинг со новинари рече дека многу е важно „годинава за да се фати процесот на креирање нов пакет за следно проширување на ЕУ и за да го фатиме тој пакет заедно со Украина, Молдавија, со државите од Западен Балкан, да останеме во истиот колосек со Албанија како и досега“.

– Она што може единствено да биде на маса е на кој начин и под кои услови да се изгласаат уставните измени – изјави Маричиќ.

Тој е оптимист дека уставните измени ќе се усвојат, и покрај секојдневните изјави од опозицијата дека нема да гласаат за нив.

– Немаме намера да застанеме. Има доволно време да се премисли опозицијата или поединци – порачува тој.

Вели дека Владата е подготвена за разговори и каналот за комуникација не треба да се затвори.

– Она што го покажавме на дело е дека Владата навистина е подготвена за сериозни и суштински разговори со опозицијата како да дојдеме до решение за гласање на уставните измени. Понудивме и политички формат во којшто таа би учествувала во Владата, понудивме и можност за донесување дополнителни гаранции за нашите институции за тоа како да се однесуваат во преговорите, но нашето инсистирање е да се остане во рамките на преговарачката рамка и на возможното. Да не си поставуваме сами себе невозможни услови што утре ќе ни бидат проблем да ги исполниме. Затоа е битно, ние сме спремни за дијалог и за отворено, транспарентно и неформално за секој тип разговори, а секако дека странското присуство тука е постојано – рече Маричиќ.

Поврзани новости