„Идеално би било собраниската процедура за уставните измени да започне пред летото, некаде во јуни, со цел целата постапка да биде спроведена во еден инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени повеќе експерти и опозицијата“ изјави денеска во Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Владата на вчерашната седница го отвори ова прашање и мислам дека под водство на Министерството за правда ќе започне еден консултативен процес, со којшто во наредниов период, во наредниве неколку дена или не повеќе од две-три недели, ќе се формулираат уставните амандмани во еден инклузивен процес со повеќе експерти, дури мислам дека ќе биде повикана и веќе беше повикана и опозицијата да учествува во овој процес и да даде свој придонес во формулирањето на амандманите“ рече Маричиќ.
Тој нагласи дека по нивното формулирање ќе следи јавна расправа на која ќе се дискутира по тие амандмани во нивната суштина, многу повеќе отколку до сега, пред се во однос на нивното значењето, надвор од самото внесување на неколку заедници во Уставот, по што веднаш се очекува тие да влезат во собраниска процедура.
Во однос на тоа дали во Собранието ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени, Маричиќ истакна дека тоа е „прашање за милиони долари“ на кое во овој момент не може да даде одговор.
„Можам да кажам дека ние ќе се потрудиме и ќе направиме се оваа година, до крајот на скринингот, да ја завршиме обврската од Преговарачката рамка со двотретинско мнозинство да го смениме Уставот и да внесеме неколку заедници во него – во Преамбулата и во делот на Комитетот за меѓунационални односи на Собранието“ рече Маричиќ.