Европската Унија работи на паралелни реформи во институциите, буџетот и процесите за донесување одлуки, со цел до 2030 година да се создаде погодна средина за нејзино проширување, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата во Брисел со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.
– Треба да го задржиме континуитетот во спроведувањето на реформите кои ќе дадат суштински резултати за забрзување на пристапниот процес, наведе Маричиќ во објава на Фејсбук по средбата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Хан на средбата изразил охрабрување и поддршка за земјава да продолжи со тековен преговарачки процес, бидејќи следат позитивни промени и план на ЕУ за раст на државите од регионот.
– Со подготвеност до 2030 за нови држави членки, ЕУ го враќа кредибилитетот и за нас е движечка сила за успешни реформи и демократскиот напредок, наведе Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања претходно денеска имаше средба и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која главни теми беа актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година.
– Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, порача Маричиќ по средбата.
Тој потенцира дека членството на земјава во ЕУ е на дофат и треба да го искористиме позитивниот политички моментум, бидејќи ова е шанса која не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно.