Клучните реформи во поглед на евроинтеграциите на Северна Македонија се наоѓаат токму во ресорот правда, па поддршката од ЕУ ќе биде мошне значајна за европеизација и трансформација на земјата, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната средба со новиот амбасадор и шеф на Делегацијата на Унијата во Скопје, Дејвид Гир.
Посакувајќи му топло добредојде на новиот евроамбасадор, министерот Маричиќ истакна дека дека правдата е најголем приоритет за граѓаните и дека најголемите очекувања се токму во оваа област: Зголемување на ефикасноста, транспарентност и етика во постапувањето на судовите и обвинителствата.
Како што соопшти Министерството за правда на средбата се дискутираше и околу подготовките во Министерството за правда за почетокот на преговорите и отворањето на Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права.
Маричиќ истакна дека владеењето на правото, изградба на непристрасен, објективен и ефикасен правосуден систем ќе бидат во фокусот на вниманието за време на неговиот мандат, дополнувајќи дека во сите процеси и најавени реформи во правосудството и владеење на правото, ЕУ ќе биде партнер во спроведување на реформите.