Маричиќ: Довербата кај јавноста на патот кон ЕУ може да се гради со изнаоѓање на решенија на проблемите и предизвиците

by Fokus

Темата за евроинтеграциите не оптоварува сите нас, чувствуваме одговорност сите чинители кои работиме на Евроинтеграциите, рече заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, кој учествуваше на настанот по повод анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија во 2023 во организација на Конрад Аденауер Штифтунг од Скопје и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

„Секој од нас кој се наоѓа во јавниот простор и политиката треба да чувствува одговорност, по изминати 18 години, треба да ги користиме за рефлексија и да размислиме што треба понатаму да сториме.

Минатата недела кога Украина и Молдавија добија почеток за преговорите со Европската Унија, додека пак за Северна Македонија имаше заклучок којшто ни е познат дека во моментот кога ќе ги направиме уставните измени ќе има без одлагање, без носење на нови политичка одлука, одржување на Втора Меѓувладина конференција, многумина беа изненадени, а искрено не разбирам зошто“ истакна Маричиќ.

Тој рече дека до минатата недела, Владата изреализирала се што не се уставни измени, успешното завршување на скринингот и тековната процедура за консултација за патоказите, верувајќи дека успешно ќе се заврши по што ќе бидат испратени до Брисел, според планот и договорот со Европската Унија.

„Скринингот беше пофален од страна на Европската Унија и тоа е максимумот што можеме да го направиме. Нашата битка беше минатата недела да добиеме отворање на Кластерот 1. Борбата беше да се искористи моментот, геостратешки и во наша полза, и се уште имаме време за тоа ако не изгубиме премногу време. ​Затоа мислам дека прашањето за одговорноста е едно, побитно прашање е решавање на проблемот како понатаму за да следната година немаме уште поголем пад на довербата на јавноста во ЕУ.

„Одговорноста е една важна тема но барањето решение да се надмине оваа ситуација е уште поважно без при тоа да фантазираме дека можеме да ја смениме ЕУ или ќе нацртаме на ѕидот еден тунел и постојано ќе пробуваме да влеземе низ тој тунел – рече Маричиќ.​

Поврзани новости