Маричиќ: Ако не ја исполниме сега обврската за уставните измени, ќе стане потешка во иднина

by Fokus

„Претпоставувам дека дел од јавноста можеби се надевала дека оваа обврска ќе исчезне или ќе се реализира подоцна. Но, ние не сакаме да губиме време, затоа што ова време ни е драгоцено. Веќе сме ги почнале преговорите, скринингот тече и досегашното искуство ни вели дека вакви обврски низ годините ако ги оставаме стануваат потешки, не полесни“.

Ова меѓудругото денеска на тв24 го изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Тој додаде дека земјава ја користи комплетната временска рамка што ја има на располагање и изрази очекување сите да постапат одговорно, на ниво на задачата и државнички.

„Министерството за правда ги повика и експертите, но и политичките партии да номинираат свои претставници и најголемиот дел го сторија тоа. Веднаш по празниците следува фазата на составување и формулација на предлозите за уставните измени“ порача Маричиќ.

Смета дека потоа ќе има јавна дискусија околу таа формулација и ќе се влезе на дебата во Собранието.

„Треба да имеме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредени прашања, токму затоа и во регионот има вид на позитивен притисок да се реши и косовското прашање преку оној дијалог кој што беше во Охрид, но и други сесии на разговори меѓу Белград и Приштина, како и стабилизација на состојбите во Црна Гора затоа што наредната година е изборна во ЕУ. Имаме избори за Европскиот Парламент на крајот на мај и практично 6 месеци потоа ќе бидат користени за распоредување на новите европски институции“ – рече Маричиќ.

Поврзани новости