Пратеникот на владеачката партија во Грција, СИРИЗА од регионот на Солун, Димитрис Мардас, смета дека сложено име со терминот Македонија за Грција е второто најдобро решение. Според него, без име за севкупна употреба и уставни промени нема решение на спорот. Тој во интервју за Радио Слободна Европа вели дека било историски докажано дека македонска нација не постоела.
„Ако тие веруваат во мир, тогаш треба да прифатат некои прашања кои, да речеме, се прифатливи за меѓународната заедница. На пример, фактот дека „ФИРОМ“ беше воспоставено како провизорно име во контекстот на Обединетите нации. Ова значи дека ние бевме во право. Секако дека има и други разни прашања кои велат дека имаат право на самоопределување, но ако овој принцип на самоопределување постои само за тој принцип, тогаш терминот ФИРОМ немаше да биде прифатен во Обединетите нации. Се надевам дека разбирате што мислам. Тоа значи дека покрај принципот на самоопределувањето има и многу други прашања кои се, јас би рекол, сериозни елементи, во корист на грчките тези. Затоа дојдовме до оваа позиција. Во врска со ерга омнес, доколку тие навистина веруваат во мир, ако немаат скриени намери, тогаш треба да прифатат ерга омнес во тој контекст. Инаку многу прашања ќе се појават со веродостојно решение“ – истакна Мардас.