Собранието доцна вечерва во рамки на 104-тата седница го започна претресот по предлогот за разрешување на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.
Нешто пред 23 часот, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата, а за нејзиното продолжение, како што кажа, пратениците дополнително ќе бидат известени. За збор пријавени се вкупно 39 пратеници.
Пратеникот Хусни Исмаили од Алтернатива во своето обраќање рече дека се плаши оти во блиска иднина и пратениците од Алијанса за Албанците ќе бидат разочарани од власта како што се сега тие зашто зборот на премиерот, како што рече, ништо не вреди, а неговата политика се сведува на математика.
Разрешени треба да бидат и заменик–министрите за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу, додека за нови заменици-министри во Владата се предлагаат Тирон Јајага за одбрана, Викторија Аврамовска – Мадиќ за правда, Маја Манолева за здравство, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука.
Седницата почна на 13 февруари, а Собранието претходно ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.