Повеќе од 9.000 пациенти досега починаа од ковид 19, а Македонија и понатаму продолжува да биде во првите пет места по црните статистики од корона.
„Фокус“ на оваа тема поразговара со доктор Лилјана Кочоска – Мараш, која долги години работи и живее во Шведска. Според неа, Македонија како држава има комплексен проблем со ниското ниво на превенција.
„Се носат ад хок одлуки после првичното многу добро носење со состојбата , па потоа се дозволи црквата и џамијата да ги диктираат превентивните мерки. Државното здравство во Македонија немаше капацитет, можности, а и компетентност да се носи си тешки случаеви.
Здравјето на многу луѓе во Македонија е нарушено од повеќе фактори, а за ширењето на заразата допринесува и ниската едуцираност кај голем дел од населението и тенденција да се верува во митови , непостоење на вирус и сл.“, тврди доктор Мараш.
Сепак, таа даде свој коментар и околу случувањата во тетовската модуларна болница, каде што лани на 8 септември живи изгореа 14 луѓе, кои таму се лекуваа од опасниот вирус.
„Во 21 век ви горат 14 луѓе во модуларна болница, одраз на инкомпетентност, неодговорност и криминогеност на одговорните за објектот и болницата“, додава доктор Мараш.
Наводите во вештачењето од Германија за пожарот во тетовската модуларна болница се поклопува со вештачењата направени во Македонија, односно и според македонските и германските експерти пожарот настанал поради електричен спој. Ова го потврдуваат од Обвинителството, од каде што додаваат дека се вршат анализа на сите прибрани докази.
Според Извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи, беше утврдено дека пожарот настанал како последица на струен спој, при употреба на дефибрилатор.
Ирена Мулачка