Мантра-шантра

by Фокус

Кованицата оксиморонска мантра-шантра е магична политичка формула и заштитен знак на (северно)македонската политика, која нелогично спојува три противречни поими. Поедноставено, оксиморонство како остроумна будалштина, кога нешто навидум е сосема нелогично, а, всушност, мудро и длабокоумно срочено.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Македонските политички гарнитури, без исклучок, продолжуваат упорно патолошки да ја верглаат оксиморонската, всушност, моронска мантра „ЕУ е единствената алтернатива“!

Мака и с’клет фаќа кога се повикуваат на поддршката од т.н. меѓународна заедница. Нивниот политички ментален светоглед опфаќа само околу 15 проценти или нешто над една милијарда луѓе од вкупното население на планетата. Останатите 85 проценти од човештвото не го фермаат, тоа за нив е „друга галаксија“ надвор од т.н. меѓународна заедница.

Впрочем, годинешниот Самит на БРИКС во Казан покажа дека веќе е создаден мултиполарен свет, а македонските политиканти три децении говорат дека ЕУ нема алтернатива. Ако тоа не е оксиморонска мантра- шантра, тогаш што е?

А, убаво предупредуваше уште пред четири и пол децении еден од ликовите во „Диво месо“, на генијалниот драматург Горан Стефановски: „Европа ве бара? Ѝ се прди на Европа за вас“!

Ама кои букови глави да разберат? Небулозната флоскула „Ние географски сме Европа, сакале тие или не“, во нашински фолклорен превод значи „В село не го прибирет, а тој опитват ќе седит поп“.

Всушност, оксиморонски глумат Европејци само да не бидат етикетирани, опетнени и контаминирани од фатаморганата „руско влијание“. Сироти и на Господ се тешки!

„ХРАБАР И ОДЛУЧЕН

Најмоќниот наркотик е лажната надеж, па оттука и нивната опсесивност и аспирации по секоја цена евроатлантски интеграции. Немаат гајле дека треба да се испружат толку колку што им е долга чергата! Башка, нивниот парадоксален идентитетски проблем во тврдењето дека се Македонци, иако продадоа вера за вечера! Поранешниот премиер Зоран Заев и буквално ја промени протестантската вера за православна, па воопшто немаше проблем да го шитне и името на државата!

„Храбар и одлучен“, пишува за него поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, во тукушто објавените мемоари. Тој навистина храбро и одлучно ги „закопа“ најсветите македонски интереси, за што Блудницата вавилонска го мафтосуваше дека ќе биде нобеловец. Таго мори, таго!

Фрау Меркел, извонреден политичар и рационален ум, оксиморонски го воздигнува недокваканиот од Муртино за извршената пластична операција со идентитетски фејс-лифтинг на Македонија. Се повлекува пред  политички интереси во стилот „Сто стапа по туѓ грб не болат“. Тогаш што останува за корумпираните, недоветни и неграмотни северномакедонски дунстери и политиканти?

Новата еврокомесарка Марта Кос, со дикцијата „ништо помалку и ништо повеќе“ очекува Македонија да го промени Уставот, ама не зуцнува за македонското малцинство во Бугарија и пресудите во Стразбур во негова полза. И таа е чипирана со оксиморонска мантра-шантра, што е разбирливо кога се влезе во политички валкани води.

Кованицата „оксиморонска мантра-шантра“ е магична политичка формула и заштитен знак на (северно)македонската политика, која нелогично спојува три противречни поими. Поедноставено, „оксиморонство“ како остроумна будалштина, кога нешто навидум е сосема нелогично, а, всушност, мудро и длабокоумно срочено. Ептен тазе пример:

На училишна приредба во Челопек, Тетовско, малолетни деца во униформа на терористичката паравоена УЧК, со пушки и пиштоли го прославуваат Денот на албанското знаме!

„ПОЛИТИКАТА Е ОРОСПИЈА“

Современиот збор „мантра“, пак, означува слоган, фраза или изјава што се повторува. Класичен пример е скорешната изјава на премиерот дека „на Македонија ѝ треба деполитизирана администрација, каде што клучни ќе бидат стручноста и посветеноста“. Реално, таква направија е невозможна мисија, затоа што без партиски војници се губи смислата на постоењето на партиите-трговски друштва. Психолошки, тоа е збор со скриена порака, кој влијае врз свеста и потсвеста на клиентелизмот.

Конечно, дијалектолошкиот збор „шантра“ означува навалување, односно тетеравење, де на една, де на друга страна, те лево, те десно, ама никако право и во вистинската насока. Парадигма за шантрање претставува тридецениското тетеравење на Македонија.

Ете ја вечната дилема што треба подобро да се знае: вистинската лага или лажната вистина?

Примерно, познатата изрека „политиката е ороспија“! Со еден битен амандман за две суштински разлики: ороспиите се однесуваат истоветно, што за политичарите не е својствено. Сличност не постои ниту во искреноста: ороспиите се искрени и јасни, бидејќи фолирањето не им оди во прилог, би им го компромитирало занаетот. Обратно, за политичарите вакви особини се глупост на ента степен!

(Северно)македонските политички гарнитури превртуваат сѐ наопаку, никогаш не работат според закони и процедури. Нивниот арамиски ментален код постојано наоѓа дупки во законите, свесно креира кризи, а потоа ги решава. Препознатлив, оригинален и заштитен бренд на оксиморонска мантра-шантра!

Поврзани новости