Традиционалната манифестација на најстариот локален печатен медиум во државата, Битолски весник “ Избираме најуспешни битолчани 2019“, која минатиот петок, поради препораките на Министерството за здравство беше одложена, ќе се одржи в сабота на 14 март.
Редакцијата на Битолски весник денеска доби одобрение од министерот за здравство Венко Филипче, Манифестацијата да се одржи, само под услов доколку на истата нема гости од странство.
Инаку на оваа Манифестација, која традиционално се одржува 21 година, секој последен петок во месец февруари, Битолски весник ги прогласува најуспешните битолчани за претхдоната година, кои со своите резултати и постигања се афирмирале себеси, но ја афирмирале и Битола.
Признанијата на најуспешните битолчани во разни области се доделуваат на свечена вечера со богата културно уметничка програма во најголемиот ресторан во Битола, “Вавилон“, кој има капацитет од 800 седишта.
За годинашната манифестација владееше огромен интерес, како за добитниците на признанијата, така и за влезниците.
За признанијата на Битолски весник годинава конкурираа над 120 битолчани,а две недели пред нејзиното одржување, кое треабаше да биде на 28 февруари, беа (рас)продадени над 800 влезници.
Годинава ќе бидат доделени над триесетина признанија од кои 16 во категории, во областа на образованието,здравството, политиката, науката, невладините организации, естрадата, културата, занаетчиството, бизнисот, банкарството и петнаесетина како посебни признанија.
Како и секоја година така и овој пат ќе биде доделено посмртното признание, кое го носи името на авторот на песната “Битола мој роден крај“, од Ајри Демировски, како и наградите за трајни вредности и највискотото признание “Гран при“.
Поради огромниот интерес за оваа Манифестација, која битолчани ја нарекуваат “битолски оскари“ како и секоја година, така и овој пат ќе биде вршен директен телевизиски пренос на Регионалната телевизија ТВ“ Тера“.