Над 840 македонски интелектуалци ставија потпис на Манифест против францускиот предлог.
Наставници, професори, лекари, научници, уметеници, педагози и новинари, обединети под едно име – македонски учители, сметаат дека со предлог документот, македонскиот народ станува предмет на омаловажување и понижување.
Предлогот предвидува, велат, билатералните протоколи со Бугарија да станат составен дел од преговарачкиот процес, што македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава, која нема важност пред институциите на ЕУ.
Интелектуалците се повикуваат на Повелбата и на Општата декларација на Обединетите Нации за човековите права и слободи, како и на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, а во духот на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ.
Предупредуваат дека со прифаќањето на предлогот, македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето.
„Со овој предлог, уште пред да почне преговарачкиот процес, Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ“, се наведува во Манифестот.
Во писмото интелектуалците се обраќаат и до македонскиот државен врв. Од власта бараат да не се согласи со промоција, на како што велат, етноцидните политики насочени против Македонија и Македонците, а легитимирани како „европски“ и „евроатлански интеграции“.
Манифестот содржи пораки и до европските водечки политичари.
„Жално е за еден претседател на Франција, земја на слободата и демократијата, „локомотивата“ на европските вредности да промовира вакви неправди се вели во пораката до Макрон, додека до претседателите на трите европски институции јасно се вели – ако условот за влез во ЕУ е наметнување на понижувачки услови во еден непристоен предлог од една водечка земја во Унијата, тогаш ние, македонските учители велиме НЕ!“, стои во манифестот.