Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски на 30 мај поднел кривична пријава против премиерот и повеќе министри и функционери поврзани со потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.
Како што пренесуваат медиумите, пријавата била примена во скопското Обвинителство и веднаш била распределена на јавен обвинител.
Во пријавата што ја поднел Маневски се гонат премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерите Артан Груби и Бојан Маричиќ, министерот Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта – Ејуп Рустеми за делото злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Делото, според Маневски, го сториле со потпишување на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д и преземање други активности предвидени со договорот.
Според поднесената кривична пријава, ЈО ќе треба да утврди дали наведените лица го сториле кривичното дело злоупотреба на службената должност по став 5 од членот 353 од Кривичниот законик. Според овој член, лицата направиле голема материјална штета на буџетот на Република Македонија, за што следува казна од најмалку пет години затвор или максимални 20 години затвор.
Маневски беше министер за правда речиси десет години, во времето кога премеир беше Никола Груевски.