Велибор Манев, еден од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во судница рече дека бил натеран со тепање од полициски инспектори, да каже дека Љупчо Палевски бил во комуникација со таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
-Во Скопје за да почнам да зборувам побарав да имам адвокат. Они не сакаа да слушнаат. Почнаа физички да ме тепаат, газат, за да почнам да зборувам. Еден од инспекторите ми приде, ми покажа слика од машка особа и ми вика дали го познаваш. Му реков дека го немам видено. Рече, ова е таткото на детето. Дали сум го слушнал Љупчо Палевски да разговара со него. Му реков дека ниту сум слушнал, ниту знам Палчо со кого разговарал. Тука почна уште појако, кажи, па кажи. Дека сум видел дека Палевски разговарал со таткото. Бев упорен да останам на тоа дека не го познавам човекот. Беа упорни, ме тепаа. Еден ми стоеше со нога на глава, друг на колкот, другите ме маваа, клоцаа. Ми рекоа имаме листа дека се јавувал, Кешишев им кажал дека се јавувал. Им реков ако имате, зошто оваа тортура. Рекоа ти да ни кажеш. Си реков кога имаат толку докази, ќе го кажам само за да запре тортурата. Тој е петта особа кој воопшто не е инволвиран, рече Манев.
Обвинителката го праша дали е точно дека тој ден, на 3 декември, во вечерните часови бил во обвинителството и давал исказ пред неа? Манев, одговори дека е точно.
Потоа обвинителката му реплицираше дека тој не се пожалил дека е тепан, ниту пак на него имало видливи повреди.
-Ако ја погледнете снимката ќе видите модрица на окото, рече обвинетиот.
Обвинителката пак го поправи дека тој бил снимен на 6 декември и дека и пред судијата на претходна постапка кажал дека не бил малтретиран.
-Цело време бев под притисок од полициските инспектори, од физичкото малтретирање, кое продолжи и во притворот, рече Манев.
Тој појасни дека бил под тортура и во затворот.
-Влегуваа во затворот 4 пати на ден по тројца. Со палки ме удираа и си одеа со молчење. Потоа влегуваа полицајци за распит, ме прашуваа што, како. Колабирав таму. Се освестив на плочките. Бев без кревет, лежев на обичен сунѓер. Се префрлив на сунѓерот. Кога видоа, рекоа, добар е, се освестил.
Кога ме однесоа на вториот распит, обвинителката ме праша дали ми треба медицинска помош, но јас бев под закана да не зборувам за тепањето. После распитот рескирав и побарав да бидам врзан со радијатор и да останам на само со обвинителката, да биде одалечена од мене, за да не и наштетам. Да можам да и кажувам на што сум натеран, рече Манев.
Претходно Манев во детали раскажа како биле грабнати Панче и Вања, а и потоа како биле убиени. За извршител на убиствата директно го посочи Љупчо Палевски Палчо.
Валентина Вурмо