Манчевски за „Фокус“: Сакаат да ме замолчат за да имаат повеќе пари за делење

by fokus

ДЗР констатираше низа неправилности во работењето на Агенцијата за филм. Наместо одговорност, раководството на Агенцијата влезе во војна со најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски, кој вели дека тоа е класичен прогон на укажувач. Во меѓувреме, Агецијата за филм секоја година му дава по 120.000 евра на едно граѓанско здружение.

Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Агенцијата за филм на 16-ти мај годинава објави дека поднела кривична пријава против продукцијата „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски. Агенцијата се повикува на извршениот инспекциски надзор од Министерството за култура за проектите „Мајки“и ‘„Врба“ и вели дека овластениот инспектор доставил информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција.

Лично режисерот Манчевски смета дека кривичната пријава против неговата продукција е политички прогон поради укажување на корупција. Тој во изјава за „Фокус“ објаснува дека уште во 2020 ги пријавил луѓето од Агенцијата за филм за незаконито работење и конфликт на интереси. Антикорупциска комисија и Транспаренси интернешнл го потврдиле тоа, побарале разрешување на тогашниот директор Горјан Тозија и поднеле кривична против него. Владата не го разрешила, но по завршување на мандатот, истиот не му беше продолжен.

Сепак, и по него, вели Манчевски, праксата на корупција и местени конкурси во Агенцијата продолжила, како и фаворизирање на некои членови од раководството на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) за сметка на квалитетни филмаџии.

„Тука не им е важно кој какви резултати постигнува со досегашните филмови, туку партиски и семејни врски. Јас повторно го пријавив незаконското работење. Државниот завод за ревизија и Транспаренси ги потврдија моите забелешки, а на случајот работи и Антикорупциска. Сегашната хајка во нивните медиуми е одмазда со класичен прогон на укажувач на корупција заради замолчување – што е кршење на закон. Тој прогон има и делумна политичка поддршка, што е уште поголемо кршење на закон.  Групичката околу раководството на АФ и ДФРМ измисли незаконитости во мојата фирма, „Банана филм“ и прати инспекција“, вели најнаградуваниот македонски режисер.

Тој додава дека откако Инспекцијата не утврдила неправилности, „групичката“ се нашла во небрано бидејќи не им поминал политичкиот притисок и решила да лаже дека сепак нешто нашле. Манчевски најавува поднесување четири кривични пријави.

„И Министерството за култура потврди дека лажат. Тие сепак продолжија со тоа што беа наумиле и  поднесоа кривична пријава за да ме замолчат и за да имаат повеќе пари за делење. Со случајов на политички прогон поради укажување на корупција е запознаено и ресорното министерство и политичкиот врв, ама решение не видовме. Се заинтересираа и странските амбасади. Мојот правен тим подготви четири кривични пријави. Работи на уште неколку, како и на тужби. Ако ваков прогон и плукање е цената на тоа да се работи во Македонија, тогаш нека биде така. И покрај сè – искрено сакам да верувам дека институциите можат да му служат на граѓанинот во Македонија. Алтернативата е хаос и апатија“, заклучува режисерот.

 

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости