Јавниот сектор конечно го дигитализиравме, клучно е да постигнеме дигитален развој, рече министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, на синоќешната трибина „Агенда Иноватива 20-24“ во организација на СДСМ.
-Во таа насока, 2 години потрошивме, но успеавме да ги надградиме застарените системи и воведовме систем за ефективно давање услуги по електронски пат. Порталот за „е-услуги“ е дел од тој процес со којшто им олеснуваме на граѓаните и ги подобруваме услугите и ефикасноста – рече Манчевски.
Тој посочи дека досега се воведени над 120 нови услуги, а до крајот на 2020 година треба да се овозможат околу 300 услуги кои ќе им се понудат на граѓаните.
-За нас како држава потребен е квантен скок за да можеме да го постигнеме развојот на останатите држави во светот – истакна Манчевски, кој истакна дека главниот проблем се луѓето, кои, според него, треба да знаат да ги работат и користат новите системи.