Владата ги трга рацете од изборот на раководните кадри во МРТВ, тоа треба да биде трајна пракса и токму тоа ќе се обидеме да го воспоставиме со измените во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, истакна вечерва министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во интервју за емисијата Топ-тема.
Тој, како што пренесува МИА, ова го посочи одговарајќи на новинарско прашање зошто Владата го дозволила изборот на старо-новиот директор на МРТВ Марјан Цветковски, кој е избран од стариот состав на Програмскиот совет на радиодифузниот сервис и дали всушност со ова се прави политичко пазарење.
Манчевски посочи дека со законските измени се цели да се воспостават механизми со кои ќе се ограничат можносите која било влада да се меша во изборот на раководните кадри на МРТВ.
– Во моментов не беше можно нешто да се смени во која било варијанта и ние како Влада воопшто не се ангажиравме. Не може да очекуваме од овој Програмски совет, кој и покрај сите домашни и странски релеватни извештаи за состојбата во медиумите не ги реши проблемите на националниот радиодифузер, сега да најде решение или да се обидеме да разговараме или уште полошо да преговараме. За нас решението генерално доаѓа преку дел од овие законски измени – додава Манчевски.