Продолжуваат инклузивните консултации и работните средби со сите засегнати страни, за трансфер вработените од јавниот во приватниот сектор, како дел од сеопфатниот проект за реорганизација на јавната администрација.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска одржа работен состанок со претставниците на сите стопански комори во нашата земја, како и со претставници од синдикалните здруженија.
На состанокот се разговараше за начинот и поволностите од реализација на оваа мерка, а беа претставени и пет различни модели за спроведување на овој процес. Како што истакна министерот, дел се на иницијатива на МИОА, дел се иницијатива на стопанските комори, а дел и на самите синдикати.
„Со нив паралелно со финалните резултати од функционалните анализи и новиот предлог на Законот за организација и работа на органите на државната управа, којшто ќе го предложиме на јавноста на почетокот на февруари, конечно да донесат до поефикасен јавен сектор којшто ќе дава побрзи, поефикасни и поквалитетни услуги на граѓаните и на бизнисите“, рече министерот Манчевски.
Првиот модел се однесува на субвенции за потенцијалните работодавачи од приватниот сектор. Овој модел подразбира дека Владата на Република Македонија ќе обезбеди финансиска поддршка (надомест за придонеси за здравствено и пензиско осигурување) за работодавачите кои ќе преземат вработени од јавниот сектор за определен временски период. Како одговор на оваа помош од Владата, приватниот сектор има обврска да обезбеди повисоки плати за вработените кои ќе бидат превземени од јавниот сектор.
Моделот што наидува на најголема поддршка од стопанските комори се однесува на пакети за преквалификација на дел од вработените од јавниот сектор. Овој модел значи дека Владата ќе обезбеди/финансиски ќе ги покрие обуките за прекфалификација на вработените во јавниот сектор согласно потребите на пазарот на трудот во приватниот сектор .
Покрај овој тип на прекфалификација, се зборуваше и за внатрешните прекфалификации, согласно потребите на институциите.
Дополнително, приватниот сектор е зинтересиран за концептот на јавно-приватно партнерство, а се разговараше и за програма за престанок на работен однос поради деловни причини („технолошки вишок“), со опремнина за период којшто дополнително ќе биде утврден.
„Она што денеска беше заклучено е дека треба да продолжиме со разговорите, ние целосно да ги вклучиме и да ги презентираме резултатите од функционалните анализи во моментот кога ќе ги собереме од сите институции. Од нивна страна побаравме и договоривме одредени конкретни рокови во кои ќе достават конкретни анализи за потребите на пазарот на трудот во приватниот сектор, по што би можеле да влеземе и со една понуда кон вработените во јавниот сектор. Целта е да се зголеми ефикасноста на јавниот сектор“, заклучи министерот Манчевски.