Манчевски: Да имавме функционално собрание, Чулев одамна ќе беше сменет

by Фокус

Одржувањето на изборите е неопходно, бидејќи системот на техничка влада е неодржлив, истакна потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски во „Топ тема” на Телма.

Да имавме функционално Собрание, Чулев одамна ќе беше сменет и тоа е уште една причина зошто треба да има избори – рече Манчевски, додавајќи дека министерот за внатрешни работи е највиновен за ширење на заразата.

Тој посочи дека според прогнозите на меѓународните финансиски институции после кризата со коронавирусот БДП ќе забележи најмал пад во Македонија во споредба со земјите од регионот.

-Им помогнавме на фирмите и на работниците со 14.500 денари плата, им помагаме на компаниите со бескаматни кредити, социјалдемократска мерка е дека ги укинавме извршителите, ги одложивме ратите на кредитите, со дополнителни финансиски средства ја зголемуваме куповната моќ на граѓаните и ги помагаме домашните производи, домашниот туризам – нагласи Манчевски.

Според него, опозицијата била контрадикторна, бидејќи од една страна бара владата да не се задолжува, а од друга страна бара да има повеќе пари за стопанството.

Поврзани новости